ЛУКАШЕНКО СО НЕОБИЧНА ПОНУДА ЗА ЗЕЛЕНСКИ Ќе те однесам во Москва и лично ќе ти гарантирам безбедност
Белорускиот лидер предлага директна средба меѓу Зеленски и Путин во Москва, без европски посредници, и тврди дека лично ќе ја гарантира безбедноста на украинскиот претседател.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека е подготвен лично да го придружува Володимир Зеленски во Москва на средба со Владимир Путин, при што би гарантирал за неговата безбедност.
Лукашенко смета дека војната во Украина би можела побрзо да се заврши доколку во преговорите директно учествуваат трите словенски народи, без посредство на европските медијатори.
Во интервју за францускиот неделник „Поен“, белорускиот лидер рече дека е подготвен да седне во авион заедно со украинскиот претседател и да го однесе во Москва на разговори со рускиот лидер.
„Путин во еден момент рече, а тоа е секако сериозно барање: ако Зеленски сака, нека дојде во Москва. Па, Володја Зеленски и јас би можеле да се качиме во авион и да летаме за Москва. Разбирате, само ние двајца, и јас би ја гарантирал неговата безбедност и сè друго. Можев да седнам со него, можеме да летаме за Москва, да седнеме и да разговараме“, изјави Лукашенко.
Белорускиот претседател смета дека директните разговори меѓу Москва и Киев, со негово посредување, би можеле да отворат пат за побрзо завршување на војната, без дополнително влијание од европските посредници.

