ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025: Апсење во Прилеп за изборен поткуп
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до сега не се потврдени наводите од пријавите.

Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера низ целата држава. Министерството за внатрешни работи (МВР) презема мерки и активности во рамки на своите надлежности за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До овој момент не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, на прес-конференција.
Денеска во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Б.Х. (72) и Д.С. (36), двајцата од Крушево, во врска со кривичното дело „поткуп при избори и гласање“. Дополнително, во Полициската станица Прилеп се повикани С.А. (28), М.А. (31), Ш.А. (40), Д.А. (22) и Џ.А. (36), сите од Крушево со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до сега не се потврдени наводите од пријавите.
МВР апелира до граѓаните и политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Секоја забележана неправилност при изборниот процес може да се пријави во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 и 112.


