ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ – ДИК го утврди изгледот на гласачкото ливче

ДИК решаваше и по седум барања за изземање на членови и претседатели на општински изборни комисии и на Изборната комисија на Град Скопје

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ – ДИК го утврди изгледот на гласачкото ливче
Фото: Национал

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 139. седница го усвои изгледот и содржината на гласачките ливчиња за претстојните локални избори.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, појасни дека гласачкото ливче за избор на градоначалник ќе содржи назив и број на ливчето, место и општина, реден број, име и презиме на кандидатите според податоците од матичната евиденција, како и симбол на подносителот на листата, доколку го има. Делот што останува на кочанот ќе содржи сериски број, општина и број на гласачкото место.

„Серискиот број не стои на самото ливче, туку само на кочанот, за да се избегнат забуни и можност за идентификација на гласачите,“ нагласи Кондарко.

Тој додаде дека на крајот од ливчето за градоначалник ќе биде наведено и името на општината, односно Градот Скопје.

Ливчето за избор на советници ќе содржи назив, број и место на гласање, назив на општината, реден број и симбол на подносителот на листата, како и име и презиме на носителот на листата. И тука серискиот број останува само на кочанот.

На седницата беше усвоен и Предлог-прирачник за пополнување на записниците (образец број 16), кој ќе им помогне на избирачките одбори во постапката на евидентирање и утврдување на резултатите од гласањето.

Членот на ДИК, Дитмире Шеху, истакна дека записникот број 16 е „основен и најважен документ за евидентирање, сумирање и утврдување на резултатите“ и дека прирачникот детално ги објаснува правата и обврските на избирачките одбори и овластените претставници.

Покрај ова, ДИК ги усвои и неколкуте предлог-обрасци (13Б, 13Г, 13Д, 15 и образец според член 107 став 3 од Изборниот законик), кои се однесуваат на предавање и прием на гласачки ливчиња, доверлив материјал, записници за резултати и утврдување на условите во гласачките простории.

Комисијата ја донесе и одлуката за дополнување на претходната одлука за формирање работни групи, кои ќе бидат задолжени за проверка на податоците од Избирачкиот список.

Исто така, беа одобрени две барања за акредитации за набљудување на изборите – едно од Здружението за општествен развој  Тетово (пет набљудувачи) и друго од Амбасадата на Франција (девет набљудувачи).

ДИК решаваше и по седум барања за изземање на членови и претседатели на општински изборни комисии и на Изборната комисија на Град Скопје. Шест од барањата беа прифатени, едно одбиено, а на местата на ослободените лица беа назначени нови по случаен избор.

CATEGORIES
Share This