ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025 – 312 листи за градоначалници и 575 за советници
По завршување на целата проверка, ДИК ќе ги објави официјалните и потврдени листи на кандидати по општини.

По истекот на рокот за поднесување кандидатури за локалните избори, до општинските изборни комисии во 80 општини и во Град Скопје се поднесени вкупно 312 листи за градоначалници и 575 листи за советници, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Во оваа бројка се вклучени и листи на партии и кандидатури поднесени од групи граѓани.
Најмногу кандидатури има за Град Скопје – 18 за градоначалник и 20 за Советот на Градот.
Според Роковникот за локалните избори 2025, општинските изборни комисии веднаш по приемот на листите, најдоцна до 14 септември, доставуваат барања до надлежните институции за проверка на исполнетоста на законските услови. По отстранување на евентуални неправилности, потврдените листи ќе бидат проследени до ДИК, кој најдоцна до 20 септември ќе го утврди редоследот на кандидатите на единствената изборна листа.
По завршување на целата проверка, ДИК ќе ги објави официјалните и потврдени листи на кандидати по општини.


