ЛЕТОНИЈА ПОСТАВИ НОВА ГРАНИЦА 280 километри заштитна ограда против Русија

Летонија успешно заврши изградба на 280 километри долга заштитна ограда на својата источна граница со Русија, соопштија од државната агенција за управување со имотот. Оваа иницијатива е дел од напорите за зајакнување на безбедноста на земјата, особено по настаните во Украина.
Министерот за внатрешни работи, Рихардс Козловскис, истакна дека оградата претставува значаен чекор кон подобрување на безбедноста на граѓаните и целата држава. Оваа ограда е дополнение на слична конструкција која беше завршена минатата година на границата со Белорусија.
Плановите на Летонија не завршуваат тука. До крајот на 2026 година, земјата планира да инсталира дополнителна инфраструктура и системи за надзор на границите со Белорусија и Русија. Козловскис нагласи дека целта е да се воведе најсовремена заштита на источната граница на Европската унија.
По руската инвазија на Украина, Летонија, заедно со Литванија и Естонија, започнаа со зајакнување на границите, сметајќи дека војната претставува сериозна закана за националната безбедност. Овие три балтички држави планираат да постават тенковски бариери и бетонски блокови на границите со цел да се заштитат од потенцијални напади.


