ЛАЗАРОВ: ЗАДОВОЛНИ СМЕ И СО ПОРАЗ – Ги натеравме да играат седум на шест
Македонија без двајца ветерани, но со верба пред продолжението на шампионатот

Синоќа Македонија во првиот натпревар на ЕУРО 2026 загуби со 36:24 од светскиот првак Данска, но според селекторот Кирил Лазаров резултатот не ја отсликува целосно играта на теренот. Тој смета дека подготвениот план е успешно реализиран, иако лошиот старт со неколку технички грешки ја усмери играта во корист на Данците, кои блескаат токму во транзицијата.
Лазаров посочи дека Македонија ја изнудила Данска да напаѓа со формата „седум на шест“ потег на кој фаворитите ретко прибегнуваат.
„Задоволен сум од тоа како одговоривме на нивната моќ. Данска живее од полуконтрата и брзите голови. Тоа што ги натеравме да играат 7 на 6 е признание за нашата одбрана. Со такви бекови да мораат да тактизираат – тоа е успех,“ истакна селекторот.
Лазаров објасни дека Никола Митревски и Жарко Пешевски не беа во составот поради помали повреди.
„По консултација со докторите решивме да не ризикуваме. Се надевам дека во следните два дена ќе ги подготвиме и дека со нив ќе бидеме уште посилни. Да беа целосно здрави, ќе беа на списокот,“ нагласи тој.
Поради напорниот распоред, Лазаров им дава ден пауза на ракометарите.
„Утре нема тренинг. Потребен ни е одмор за да влеземе свежи во натпреварите со Португалија и Романија. Ги извлекуваме поуките и го гледаме само напред,“ заклучи тој.


