ЛАЗАРОВ ВО ПРЕСРЕТ НА ПОСЛЕДНИТЕ КВАЛИФИКАЦИСКИ НАТПРЕВАРИ Немаме право на грешка потребни се две победи
Според Лазаров, Македонија е подготвена да се бори за пласман, но исто така ќе мора да се соочи со сериозни проблеми, како што се повредите на клучни играчи од последното Светско првенство.

Македонската ракометна репрезентација влегува во последните две рунди на квалификациите за Европското првенство со обврска да постигне две победи против Естонија и Литванија, ако сака да го продолжи континуитетот на учество на големите натпревари. Оваа ситуација настана по два порази од Словенија, како и неуспехот на гостувањето против Литванија.
Селекторот Кирил Лазаров пред почетокот на подготовките за гостувањето во Естонија, а потоа и за пресметката со Литванија на домашен терен, ја изрази својата оптимистичка, но и претпазлива позиција. Според Лазаров, Македонија е подготвена да се бори за пласман, но исто така ќе мора да се соочи со сериозни проблеми, како што се повредите на клучни играчи од последното Светско првенство.
“Јас сум секогаш оптимист, но истовремено и претпазлив, особено кога се работи за здравствениот билтен. Ќе ни недостасуваат некои играчи од Светското првенство, но имаме нови кои треба да ги заменат и да ја преземат одговорноста на овие клучни натпревари”, изјави Лазаров.
Селекторот најави дека и покрај краткото време за подготовка, ќе се обидат да бидат кратки и ефективни во анализите на противниците. Првиот тест е во Естонија, а потоа следува спектакуларен дуел со Литванија во Скопје, кој најверојатно ќе биде директна пресметка за место на континенталниот собир.
„Нема право на грешка, два тешки натпревари се пред нас, и тие ќе бидат и физички и психолошки предизвик. Верувам во тимот и верувам дека ќе се прикажеме во вистинско светло”, додаде Лазаров.
Дополнително, селекторот најави дека најверојатно ќе биде без двајца важни играчи – Велковски и Стојковиќ. Велковски има сериозна повреда на листот, а Стојковиќ денеска се пожали на болки и ќе мора да направи тестови.
„Велковски има 99% шанси да не може да настапи. Тековната повреда му е сериозна и тој ќе отпадне од составот. Стојковиќ исто така има проблеми, но ќе го провериме”, соопшти Лазаров, додавајќи дека повикал 21 играч за овој циклус, без намера да додава нови ракометари.
Новост во стручниот штаб е и враќањето на Стојанче Стоилов, легендарниот македонски ракометар, кој повторно ќе биде дел од тимот на Лазаров. Селекторот нагласи дека е отворен за сите кои можат да донесат поддршка и искуство на тимот, посебно поради важноста на овие квалификациски натпревари.
„Добредојдени се легенди и играчи со големо искуство. Вратата е отворена за сите кои се подготвени да дадат поддршка”, заврши Лазаров.


