ЛАПОРТА ПОТВРДИ – Барселона го затвори трансфер пазарот

Трансфер пазарот е затворен: Жоао Кансело доаѓа, тер Штеген заминува на позајмица.

ЛАПОРТА ПОТВРДИ – Барселона го затвори трансфер пазарот
Фото: Принтскрин

Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, потврди дека зимскиот трансфер пазар за клубот е официјално затворен. Во интервју за „Ла Вангуардија“, тој нагласи дека нема да има повеќе промени во тимот до крајот на месецот.

Младите таленти Марк Касадо и Марк Бернал ќе останат дел од „блауграна“. Поради повреди и суспензии, двајцата станале неопходни за тренерот Ханси Флик – Касадо стартуваше против Овиедо, а Бернал одигра клучна улога во победата над Копенхаген. И двајцата изјавија дека нивната главна цел е развојот во Барселона.

„Комбинацијата од домашни играчи и фудбалски таленти ја сметаме за формула која носи успех, како што го видовме против Копенхаген“, изјави Лапорта.

Главни трансфери се Жоао Кансело (позајмица од Ал Хилал до крајот на сезоната) и Марк-Андре тер Штеген (позајмица во Жирона).

Лапорта исто така изрази задоволство што Барселона директно се пласирала во осминафиналето на Лигата на шампионите, истакнувајќи дека клубот е единствениот во првите 8 кој е во сопственост на неговите членови. За вечниот ривал Реал Мадрид, кој не влезе во осминафиналето, тој кратко рече:

„Тие ќе се справат со своите работи“.

Избегнувањето на плејофот му овозможува на тренерот Флик подобро да ја планира сезоната и носи финансиски придобивки за клубот од 11 милиони евра.

CATEGORIES
Share This