КРУНА НА КАРИЕРАТА Анчелоти заминува од Реал и ја презема репрезентацијата на Бразил
На местото на Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“ најверојатно ќе седне поранешниот ас на Реал, Чаби Алонсо, додека за Анчелоти се отвора можност за, како што многумина ја нарекуваат, „круна на неговата кариера“ - селекторската позиција на Бразил.

Еден од најуспешните фудбалски тренери на сите времиња, Карло Анчелоти, е на чекор до преземање на кормилото на бразилската репрезентација, пренесува реномираниот италијански новинар Фабрицио Романо.
Веќе подолго време се шпекулира за интересот на Фудбалската федерација на Бразил за ангажман на Анчелоти. Досега, сепак, успешните резултати со Реал Мадрид ја одложуваа оваа соработка. „Кралскиот клуб“ немаше причина за промена на кормиларот кој ги донесе клучните титули во Мадрид.
Но, ова лето се очекува пресврт. Реал Мадрид ќе ја заврши сезоната без титула во Лигата на шампионите, загуби во финалето на Купот на Кралот против Барселона и остана без шанси за првак на Шпанија. Ваквиот развој на настаните отвора простор за природна разделба меѓу Анчелоти и Реал, а плановите за иднината, според извештаите, веќе се во завршна фаза.
На местото на Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“ најверојатно ќе седне поранешниот ас на Реал, Чаби Алонсо, додека за Анчелоти се отвора можност за, како што многумина ја нарекуваат, „круна на неговата кариера“ – селекторската позиција на Бразил.
Легендарниот стратег ќе има шанса да ја води најтрофејната репрезентација на светот на Мундијалот 2026 во САД, Мексико и Канада. Доколку успее да го освои светскиот трон, Анчелоти би ја запечатил својата репутација како еден од најголемите тренери во историјата на фудбалот.


