КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ФРЧКОСКИ Злоупотреба на 116.000 долари во мисијата во Њујорк
Според податоците од истрагата, Фрчковски како шеф на Постојаната мисија на Република Македонија при Обединетите нации во Њујорк, во периодот од април 2022 до октомври 2024 година, незаконски и ненаменски потрошил средства од продажбата на сукцесиски имот на поранешна СФРЈ.

На 12 мај 2025 година, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против четири лица, меѓу кои и поранешниот амбасадор Љубомир Данилов Фрчковски. Тој, заедно со тројца соработници – К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје – се сомничи за злоупотреба на службена положба и овластување, казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Според податоците од истрагата, Фрчковски како шеф на Постојаната мисија на Република Македонија при Обединетите нации во Њујорк, во периодот од април 2022 до октомври 2024 година, незаконски и ненаменски потрошил средства од продажбата на сукцесиски имот на поранешна СФРЈ.
Од вкупно 3.998.721,72 американски долари, колку што биле уплатени на сметката на Мисијата, на буџетот на државата уплатил 3.940.000 долари, додека преостанатите 58.721,72 долари не ги префрлил, туку ги потрошил спротивно на прописите и без соодветна намена.
Освен тоа, Фрчковски се товари и за дополнителна штета во износ од 57.855,18 долари, направена преку незаконско користење на буџетски средства – меѓу кои се аванси за службени патувања, невратени депозити за резиденцијата, трошоци над дозволениот лимит за мобилни телефони, дупли и неоправдани телефонски сметки, нерасчистени касовски салда и трошоци за репрезентација над дозволениот износ. Дополнително, подигнал средства за поправка на службено возило без претходна согласност од Министерството за надворешни работи.
Во делот на соработниците, К.Г., Ј.И. и И.С., кои биле сметкополагачи во Мисијата, се сомничат дека, иако биле должни да вршат контрола и евиденција на финансиското работење, со своето несовесно постапување овозможиле незаконски исплати и го прикривале неправилното располагање со средствата. Тие не ја спровеле потребната контрола, не ги пријавиле неправилностите и не постапиле согласно законските обврски.
Вкупната штета што ја претрпел буџетот на Република Северна Македонија се проценува на 116.576,9 американски долари. Обвинителството треба да ја разгледа пријавата и да одлучи за понатамошното постапување.


