КРАЈ ЗА КОЦЕВСКИ – Владата предложи неговото разрешување

Владата ја продолжува постапката за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, која беше стопирана за време на изборниот период.

КРАЈ ЗА КОЦЕВСКИ – Владата предложи неговото разрешување
Фото: Принтскрин

Владата на денешната седница го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој ќе биде доставен до Собранието.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека со овој предлог се продолжува постапката која беше привремено стопирана за време на изборниот период.

„Причините за оваа иницијатива се јавно познати и доследно ги образложивме. Целта е јасна – јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните“, рече Митева.

Владата ја започна постапката за разрешување на Коцевски пред околу една година, но таа беше стопирана по трагичниот настан во Кочани, за кој Коцевски раководеше со истрагата.

Предлогот до Собранието е подготвен врз основа на член 88, став 1 од Законот за Јавно обвинителство, по добиено мислење од Советот за јавни обвинители.

Митева посочи дека причините за разрешувањето се: крупни професионални грешки во раководењето со Јавното обвинителство, што довело до нарушување на ефикасноста и функционалноста, неовластено изнесување информации и податоци за судски предмети, со што била повредена обврската за тајност на постапките како и нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на личниот углед, не постапувајќи согласно Уставот, законите и меѓународните договори.

„Како последица на овие повреди, функционалноста на Јавното обвинителство била сериозно нарушена, а интегритетот на институцијата доведен во прашање“, нагласи Митева.

Таа додаде дека според член 27, став 1 од Законот за Јавно обвинителство, јавниот обвинител е одговорен за организирањето и извршувањето на функциите на институцијата, а со постапувањето на Коцевски била флагрантно повредена должноста да го чува угледот на функцијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This