КРАЈ НА ЕДНА ЕРА – Каналот MTV ќе престане со емитување по 44 години
Парамаунт Глобал“ ја објави одлуката за затворање на пет канали, означувајќи крај на ера во поп-културата и музичката телевизија

Знак на променливи времиња и деловна одлука што носи културно значење: „Парамаунт Глобал“ објави дека по 44 години континуирано емитување, неколку култни канали на MTV ќе бидат трајно затворени до 31 декември 2025 година.
Овој потег го означува крајот на еден период кога генерации уживаа во откривање нова музика, следејќи ги топ листите и апсорбирајќи ја поп-културата и модните трендови што ги нудеше MTV.
Затворањето ќе опфати пет омилени канали: MTV Music, MTV 80s, MTV 90s, Club MTV и MTV Live. Прво ќе бидат затворени во Велика Британија и Ирска, а потоа и во Франција, Германија, Австрија, Полска, Унгарија, Австралија и Бразил.
Одлуката е дел од мерките за намалување трошоци во „Парамаунт Глобал“, која оваа година се спојува со „Скајденс Медиа“. Но, таа исто така ја одразува драматичната промена на навиките за гледање медиуми, бидејќи љубителите на музика сè повеќе се свртуваат кон дигитални платформи и социјални медиуми.
Телевизиските канали одамна нудеа чувство на заедница, но денешната потрошувачка е по персонализирана, прилагодена на индивидуални вкусови, што ја прави традиционалната телевизија помалку релевантна.
Со оваа одлука завршува и едно значајно поп-културно наследство кое започна во САД во 1981 година. Првото видео емитувано на MTV беше „Video Killed The Radio Star“ од The Buggles – симболичен почеток на ера што ќе остане во сеќавање на многумина.


