КОВАЧКИ ВО БРИСЕЛ – НАТО е повеќе од безбедност, тоа е заедница на вредности

Тој подвлече дека членството на државата во НАТО не е само резултат на надворешнополитички напори, туку и цврста потврда на долгорочната стратешка определба за припадност кон евроатлантското семејство.

КОВАЧКИ ВО БРИСЕЛ – НАТО е повеќе од безбедност, тоа е заедница на вредности

Во Брисел, Кралството Белгија, денес се одржа свечената седница по повод 70-годишнината од основањето на Парламентарното собрание на НАТО, во заедничка организација на белгискиот Сенат и Претставнички дом. Настанот ги собра претседателите на парламентите од земјите членки на Алијансата, како и високи претставници на НАТО.

Од името на Собранието на Република Македонија, на собирот се обрати пратеникот и претседател на македонската делегација во ПС на НАТО, Драган Ковачки. Тој подвлече дека членството на државата во НАТО не е само резултат на надворешнополитички напори, туку и цврста потврда на долгорочната стратешка определба за припадност кон евроатлантското семејство.

„За нас, членството во НАТО е повеќе од геополитичка одлука – тоа е израз на верба во вредностите на демократијата, стабилноста и заедничката безбедност,“ истакна Ковачки.

Тој нагласи дека Собранието на Македонија одигра клучна улога во процесот на пристапување, преку усвојување значајни реформи, постигнување политички консензус и зајакнување на демократскиот надзор.

„Продолжуваме да го негуваме тој дух, придонесувајќи кон стабилноста и колективната безбедност во рамките на Алијансата“, додаде Ковачки.

Во своето обраќање, Ковачки подвлече дека НАТО не е само воен сојуз, туку и платформа на обединети демократски нации.

„Нашите парламенти со децении се заложени за транспарентност и одговорност. Нашиот пат до НАТО беше долг и полн со предизвици, но никогаш не отстапивме од вербата во заедничката иднина“, нагласи тој.

Ковачки оцени дека Македонија денес претставува пример за отпорност и трансформација, а нејзиниот глас – како земја од Југоисточна Европа одразува надеж дека вратите на ЕУ остануваат отворени за демократските држави.

„Во време на дезинформации, безбедносни ризици и глобални конфликти, улогата на парламентите е поважна од кога било. Наша должност е да ја штитиме вистината и да обезбедиме дека одлуките на Алијансата ја рефлектираат демократската волја на нашите граѓани“, порача Ковачки.

Тој го заврши своето излагање со апел за засилена посветеност на принципите на солидарност, одговорност и колективна одбрана, истакнувајќи дека Македонија останува доверлив и активен сојузник во рамките на НАТО.

На отворањето се обратија и Винсент Блондел, претседател на белгискиот Сенат, Петер Де Ровер, претседател на Претставничкиот дом на Белгија, како и Маркос Перестрело, претседател на ПС на НАТО. Тие ја нагласија историјата и значењето на Алијансата во одржувањето на мирот и безбедноста во евроатлантскиот простор, како и заложбата на Белгија за единство и соработка меѓу сојузниците.

Самитот продолжи со обраќања на високи претставници од земјите членки, фокусирајќи се на актуелните безбедносни предизвици, идни приоритети и улогата на НАТО во време на глобални тензии.

CATEGORIES
Share This