КОСОВО ПОВТОРНО ГЛАСА Втори парламентарни избори за помалку од една година

Граѓаните на Косово денеска повторно излегуваат на гласање за избор на нов состав на парламентот, по втор пат во изминатите 11 месеци, откако институционалниот ќорсокак не беше надминат по последните избори. Како фаворит и овој пат се споменува Движењето за самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти.
Предвремените избори беа распишани откако, и покрај изборната победа на редовните избори одржани на 9 февруари, Самоопределување не успеа да обезбеди стабилно парламентарно мнозинство. Недостигот од политички договор доведе до блокада на новиот парламент, кој не успеа да го конституира своето раководство и да започне со редовна работа.
Курти е на власт од 2021 година, водејќи реформска агенда која, според оценките, донесе мешани резултати. Сепак, премиерот очекува повторно убедлива поддршка од гласачите, слична на онаа од пред четири години, кога неговата партија речиси самостојно ја формираше владата.
Доколку резултатите не овозможат јасно мнозинство, останува отворено прашањето дали политичките партии ќе покажат поголема подготвеност за компромис и коалициско владеење, со цел да се избегне нова институционална криза.
Избирачките места се отворени од 7 часот наутро, а гласањето ќе трае до 19 часот. Првичните изборни резултати се очекуваат во текот на вечерните часови.


