КОНСТРУКТИВНА ДЕБАТА ВО ВЛАДАТА – Савески предложен за нов јавен обвинител
Премиерот вели дека биографијата на Ненад Савески покажува дека ќе биде квалитетен државен обвинител.

Не го познавам лично, но неговата биографија говори дека ќе биде одличен државен обвинител, вели премиерот Мицковски за владиниот предлог кривичниот судија Ненад Савески да седне на првото обвинителско столче. На владината седница се водеше конструктивна дебата каде беа анализирани сите кандидати, дополни премиерот.
Од СДСМ порачаа дека внимателно и будно ќе ја следиме неговата работа токму по тоа дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта.
Постапката за изборот на нов обвинител се сели во Собранието каде ќе биде потребно просто мнозинство од најмалку 61 глас.
Савески од 2016 година е судија во Кривичен, во одделот за организиран криминал и корупција. Работел како јавен обвинител, а предавач е на Академијата на судии и јавни обвинители.
Изборот на државен јавен обвинител следува откако во декември 2025 година Љупчо Коцевски даде оставка од функцијата, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за неговото разрешување.


