КОНКУРС ЗА НЕВЕСТА И ЗЕТ – Галичка свадба 2026
Предност имаат паровите со потекло од Галичник и активни членови на заедницата

Месната заедница Галичник ги повикува заинтересираните парови да се пријават за учество на традиционалната Галичка свадба што ќе се одржи во Петровденскиот викенд 2026 година.
Пријавувањето е отворено до 19 февруари 2026, а резултатите ќе бидат соопштени во март.
За да се пријават, паровите треба да испратат е-пошта на mzgalicnik@gmail.com, со назнака: „За избор на зет и невеста – Галичка свадба 2026“ и да ја споделат својата кратка приказна и мотивација за учество.
Предност при изборот ќе имаат брачни двојки со потекло од Галичник (двајцата или еден од партнерите), парови кои претходно учествувале во Галичката свадба во друга улога, активни и ангажирани членови на месната заедница и парови на кои венчавката во Галичник ќе им биде прв црковен брак
Галичката свадба не е само настан и таа е живо културно наследство, завет и спомен што се пренесува со генерации. Во 2026 година, Галичник повторно ќе оживее со свадбени поворки, песна, ора, бајрак и свечено руво, славејќи ја љубовта и традицијата.
Ги охрабруваме сите парови кои со почит, искреност и љубов ја чувствуваат оваа традиција да станат дел од една од најзначајните културни манифестации во Македонија.

