КОНЕЧНО СЕ ОГЛАСИ ПРВАТА АНТИКОРУПЦИОНЕРКА ДИМИТРОВСКА – Не сум виновна и не сум давала информации на бандата во случајот “Адитив“

Сепак, признава дека ја потценила сериозноста на комуникацијата и изразува жалење поради истата.

КОНЕЧНО СЕ ОГЛАСИ ПРВАТА АНТИКОРУПЦИОНЕРКА ДИМИТРОВСКА – Не сум виновна и не сум давала информации на бандата во случајот “Адитив“

Преку сооопштение за јавноста конечно се огласи претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска. Таа е осомничена во истрагата за корупцискиот случај „Адитив“, потврдија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Таа се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година споделувала доверливи информации од работата на Комисијата со обвинет во предметот, преку апликации за комуникација како Viber и WhatsApp.

Според Обвинителството, Димитровска му предавала на осомничениот – поранешен директор на ТЕЦ Неготино и сопственик на фирма инволвирана во случајот – службени тајни податоци за поведени постапки, проверки на имот и одлуки поврзани со предметот „Адитив“. Тие податоци, согласно членови од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Законот за кривична постапка, се класифицирани како службена тајна, чие откривање може да нанесе сериозни последици по институциите и правосудните постапки.

Во писмена изјава доставена до медиумите, Димитровска ја отфрла обвинителната конструкција и наведува дека комуникацијата се одвивала со семеен пријател, пред тој да биде обвинет во случајот. Таа тврди дека споделените информации не се однесувале на случајот „Адитив“ и оти дел од нив биле веќе објавени во јавност. Сепак, признава дека ја потценила сериозноста на комуникацијата и изразува жалење поради истата.

„Целосно ќе соработувам со надлежните органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. До конечно изјаснување на Обвинителството, нема да давам дополнителни јавни изјави“, изјави Димитровска, додавајќи дека очекува нејзиниот и интегритетот на ДКСК да бидат почитувани.

Како дел од судските мерки, Димитровска е времено отстранета од работното место и забранет и е пристап до предмети, пошта и документација поврзана со работата на Комисијата. Исто така, ѝ се одземени и редовниот и дипломатскиот пасош.

Според извори од ДКСК, предметот за проверка на имотната состојба на осомничениот не бил доделен на Димитровска, и таа, согласно внатрешните правила, немала директно влијание врз постапката.

Димитровска притоа бара да се почитува принципот на презумпција на невиност.

„Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат“, порачува првата антикорупционерка. 

Според неа, останатите шест члена на ДКСК немаат никаква поврзаност со делото за коешто е осомничена.

Инаку, Димитровска беше именувана за претседателка на ДКСК на 8 февруари 2024 година, добивајќи максимален број бодови и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Истрагата за случајот „Адитив“, поврзана со набавка на адитиви вредни над 6 милиони евра за РЕК Битола, започна во ноември минатата година. Главен осомничен е поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој се наоѓа во бегство. Во рамките на акцијата, беа спроведени 77 претреси во неколку градови низ државата, при што беа уапсени 22 лица, од кои осум се во притвор.

CATEGORIES
Share This