КОГА ЛАПАШЕ ТЕНДЕРИ ОД ВЛАДАТА НА ЗАЕВ НЕ ВИ ПРЕЧЕА ПРЕСПАНСКИ И БУГАРСКИ ДОГОВОР Цеков со жесток удар по Минчев
Независниот пратеник го обвини министерот за двојни стандарди и побара одговори за неговите поранешни ставови и денешната политичка реторика.

Независниот пратеник Миле Цеков упати серија обвинувања кон министерот Горан Минчев од собраниската говорница, обвинувајќи го за политичко лицемерие и двојни стандарди.
Цеков, кој неодамна ја напушти партијата ЗНАМ и сега настапува како независен пратеник, во своето обраќање потсети на јавните настапи на Минчев во кои тој остро го критикувал СДСМ и тогашниот премиер Зоран Заев. Притоа, Цеков изнесе тврдења дека приватната компанија на Минчев, основана во 2016 година, во 2020 година добила финансиска поддршка од Владата предводена од Заев.
„Минчев во 2016 година ја основа приватната компанија ГМА Unlimited ДООЕЛ Скопје… Во 2020 година, додека премиер е Зоран Заев, неговата компанија добива финансиски средства од Владата на Република Македонија“, рече Цеков.
Според него, тоа е во спротивност со политичката реторика што Минчев ја користел против тогашната власт.
„Човекот што денес ни држи лекции за морал, принципи и за тоа дека СДСМ било окупирано од некого, во 2020 година преку својата фирма добивал средства од Владата на Заев, па што тогаш не му пречеле ни Преспанскиот договор, ни Договорот за добрососедство“, изјави Цеков.
Тој го повика Минчев јавно да одговори на овие тврдења.
„Господине Минчев, јас нема да ви судам, ќе ви судат граѓаните. Ако принципите навистина немаат цена, тогаш објаснете им на граѓаните како тие принципи изгледаат во 2020 година, кога вашата компанија примала средства од Владата која денес ја опишувате како клиентелистичка и окупирана од Заев“, рече Цеков.
Обраќањето го заврши со порака дека јавноста ќе го даде конечниот суд.
„Принципите или ги имаш, или ги немаш. Или, како што старите велеле, на мака се познава човекот, а на власт – принципите“, порача Цеков.


