КОЈ Е ОБВИНЕТ, А КОЈ ОСЛОБОДЕН Родителите на жртвите од „Пулс“ бараат одговори од обвинителството

Маршот помина мирно, но со силна порака - правдата за загинатите мора да биде спроведена, а одговорните да се соочат со последиците.

КОЈ Е ОБВИНЕТ, А КОЈ ОСЛОБОДЕН Родителите на жртвите од „Пулс“ бараат одговори од обвинителството
Фото: Национал

Со пораки за правда и транспарентност, родителите, роднините и пријателите на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ повторно излегоа на протестен марш низ улиците на Кочани. Тие упатија директен апел до Јавното обвинителство – конечно да објави јасни информации за текот на истрагата и да соопшти кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.

„Не сме правници. Соопштението ни е дадено по членови и закони, но реално ништо не сфативме. Претпоставувам дека ниту останатите родители не разбрале, освен можеби градоначалниците и обезбедувањето,“ изјави Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.

Таа најави дека во понеделник ќе биде поднесено официјално барање за средба со надлежните обвинители, барајќи целосна и директна информација за исходот од истражната постапка и деталите од обвинителниот акт.

„Чувствуваме морална и човечка обврска да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно да нѐ запознае со тоа кои се обвинети, а кои се ослободени од одговорност. Неприфатливо е да добиваме вакви информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација,“ порача Петрушева.

Загриженост изрази и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која со силни емоции се обрати кон јавноста и директно го обвини сопственикот на дискотеката „Пулс“, познат како Деко, дека за време на пожарот се скрил, оставајќи ги младите сами да се борат за живот.

„Да била вратата отворена, немаше толку деца да загинат. А не како оној монструм што се сокрил во скривница, додека нашите деца ги оставил на милост и немилост,“ рече Стојанова низ солзи, додавајќи дека партиските изјави за помош се неважни во споредба со вистинската човечка одговорност.

Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите сè додека не добијат јасни одговори од институциите. Како што велат, не бараат само правда, туку и човечка емпатија и пристап што ќе биде разбирлив за секој обичен граѓанин – без сложени правни термини и нејасни соопштенија.

Маршот помина мирно, но со силна порака – правдата за загинатите мора да биде спроведена, а одговорните да се соочат со последиците.

CATEGORIES
TAGS
Share This