КОЈ ДОАЃА, КОЈ СИ ОДИ Објавена реконструкцијата на Владата со низа промени
Промени и во партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ – избрани нови раководители на младите и женската унија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги соопшти кадровските промени во Владата, кои се дел од најавената реконструкција на владиниот состав. Промените опфаќаат повеќе министерства и институции, а дел од ресорите добиваат нови раководители.
Најголемата промена е во здравствениот сектор. Актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, е предложен за нов министер за здравство. На неговото место во Фондот се очекува да дојде актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински.
Ресорот локална самоуправа, според најавите, ќе го преземе Иван Стоиљковиќ. Промени ќе има и во Министерството за социјална политика, демографија и млади. За нов министер е предложен досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски. За министер без ресор, задолжен за интеграција и спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите, е предложен Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицискиот партнер „Вреди“ ќе преземе раководење со неколку ресори – Министерството за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците. За нов министер за правда се споменува универзитетскиот професор Јетон Шасивари, додека за Министерството за односи меѓу заедниците како можни кандидати се посочуваат Агон Ферати и Азир Алиу. Неизвесно останува кој ќе го преземе ресорот култура и туризам, каде меѓу можните имиња се споменуваат Седат Сулејмани и Салим Сулејмани.
Партијата ЗНАМ ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според најавите, нов министер би требало да биде актуелниот државен секретар во Министерството, Борче Серафимовски.
Во Министерството за спорт сè уште нема конечна одлука за иднината на актуелниот министер Борко Ристовски. Иако претходно се најавуваше негова смена, засега не е потврдено дали ќе остане на функцијата. Во рамки на реконструкцијата се предвидува и укинување на Министерството за добро владеење.
Премиерот Мицкоски порача дека кадровските промени имаат цел да го зголемат капацитетот на Владата и да обезбедат поефикасно спроведување на владината програма во следниот период. Предлозите за новите министри и раководители треба да бидат доставени до Собранието, каде ќе треба да добијат поддршка од пратениците.
На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беа избрани и нови раководители на партиските тела. Нов претседател на Унијата на млади сили е Тодор Коневски, додека нова претседателка на Унијата на жени е Марија Митева, која воедно ја извршува и функцијата владин портпарол.


