КЛОП ПРЕД СЕНЗАЦИОНАЛЕН ТРАНСФЕР – Наместо Реал, блиску до Атлетико Мадрид
Германскиот стратег би можел да го наследи Диего Симеоне на клупата на Атлетико Мадрид, а шпанските медиуми тврдат дека веќе се водени првични разговори.

Германскиот фудбалски стратег Јирген Клоп во последниот период се споменува како можен кандидат за тренерската позиција на Реал Мадрид, но најновите информации од шпанските медиуми сугерираат дека неговата следна дестинација би можела да биде сосема друг клуб.
Според тие извори, Клоп е сè поблиску до преземање на клупата на Атлетико Мадрид, големиот градски ривал на „кралскиот клуб“. Германскиот тренер би можел да го наследи долгогодишниот стратег Диего Симеоне, кој со години е заштитно лице на тимот од стадионот Ванда Метрополитано.
Во меѓувреме, се појавија шпекулации дека Клоп е подготвен да се повлече од својата актуелна функција како глобален раководител за фудбал во системот на Ред Бул. Дел од медиумите дури тврдеа дека во компанијата не биле целосно задоволни од неговата работа.
Иако од таборот на „биковите“ брзо пристигна демант на ваквите информации, шпекулациите не стивнуваат и сè погласно се зборува за можноста Клоп повторно да се врати на тренерската работа.
Дополнително, се наведува дека во изминатите денови Марк Руан, извршниот директор на Аполо и новиот сопственик на Атлетико Мадрид, веќе одржал разговори со германскиот стратег.
Медиумите прават и интересна паралела со претходните одлуки на Клоп во неговата кариера. Во Германија тој ја водеше Борусија Дортмунд, наместо да се пресели во Баерн Минхен, додека во Англија ја избра клупата на Ливерпул наместо понудите од Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Токму затоа, според дел од аналитичарите, не би било изненадување доколку и во Шпанија ја избере клупата на Атлетико Мадрид наместо онаа на Реал Мадрид.


