КЛИНИКАТА ВО КОЗЛЕ ПОЛНА – Дневно се прегледуваат до 200 деца
Лекарите апелираат децата со симптоми на грип да не се носат во градинка и навремено да се побара лекарска помош

На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле во моментов се хоспитализирани 70 деца, од кои околу десет се на кислородна поддршка. Кај 15 од нив е потврден вирус на грип од тип А, при што се појавиле и компликации, изјави за МИА директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска.
Таа информира дека дневно на Клиниката се вршат прегледи кај 150 до 200 деца, што укажува на зголемен број на респираторни инфекции во овој период.
Според проф. д-р Бошковска, грипот најчесто започнува нагло, со висока телесна температура, болка во грлото, мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.
Како превентивна мерка, таа им препорачува на родителите да избегнуваат престој на децата во затворени и пренатрупани простории, да се внимава на личната хигиена со редовно миење на рацете, дезинфекција на површините, како и внесување свежо овошје и зеленчук во исхраната и престој на чист воздух.
„При појава на симптоми на грип, децата не треба да се носат во градинка, потребна е изолација и добра хидрација со зголемен внес на течности, како и соодветна терапија за намалување на температурата. Доколку симптомите траат повеќе од три до четири дена или се влошуваат со појава на силна кашлица, забрзано или отежнато дишење, неопходно е да се побара лекарска помош кај матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови. Во случаи кога состојбата е посериозна и бара болничко лекување, пациентите се упатуваат во нашата установа, нагласи проф. д-р Бошковска.

