КИНЕСКИОТ ГИГАНТ GOLDWIND СО УСПЕШНО ДЕБИ ВО МАКЕДОНИЈА Нов проект ќе биде најголем ветерен парк во земјата
Една од најголемите кинески компании, Goldwind, веќе остварува значаен пробив на македонскиот енергетски пазар. Нивната македонска филијала, Goldwind Renewable Energy, основана пред две години, во 2024 година пријави приход од 4,5 милиони евра и добивка од над 10 милиони денари – и тоа со само двајца вработени.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата обезбедила договор за нов проект со капацитет од 43,2 мегавати, кој ќе биде најголем ветерен проект досега во Македонија. Освен испорака и инсталација на турбините, Goldwind ќе обезбедува и сервис за целиот проект во следните 15 години.
Goldwind е глобален лидер во секторот на ветерна енергија, присутен во над 20 земји, со годишен капацитет за производство на над 4.000 турбини. Компанијата е листирана на берзите во Шенжен и Хонг Конг, а нејзиниот американски огранок е со седиште во Чикаго.
Паралелно, интересот за ветерни проекти во Македонија нагло расте. МЕПСО регистрира побарувачка за изградба на ветерници со вкупна моќност од 2.000 MW, што го става ветерот веднаш зад фотоволтаиците по атрактивност за инвеститорите.
Пример за тоа е и првиот приватен ветерен парк во државата – Богословец на компанијата Тхор Импекс, кој заработи над 5 милиони евра во својата прва активна година, од повластена тарифа за обновливи извори. Иако работи без вработени, компанијата има долг од 17,5 милиони евра и управува со осум турбини со вкупна моќност од 35 MW, лоцирани меѓу Штип и Свети Николе.
Со новите проекти и зголемениот интерес за обновливи извори, Македонија станува атрактивна локација за инвестиции во чиста енергија, а учеството на глобални компании како Goldwind само ја засилува таа тенденција.


