КАТАСТРОФА ИЛИ ТАКТИЧКИ УСПЕХ – Македонија повторно без гол
Седлоски ги гледа сите играчи, но офанзивата повторно изостанува.

По елиминациите во баражот за Мундијалот, репрезентациите на Ирска и Македонија вечерва на стадионот „Авива“ одиграа натпревар кој веројатно многу брзо ќе биде заборавен. Во дуел без вистински резултатски жар и со многу тактизирање, конечните 0:0 беа реален одраз на она што се случуваше на теренот.
Нерешениот резултат 0:0 против Република Ирска за селекторот Гоце Седлоски е „регуларен“. Тој истакна дека после натпреварите со Данска и Ирска најважно било што ги видел сите играчи.
„По оној исцрпувачки меч во Данска, денешниот натпревар беше доста тврд, без многу шанси на двете страни, освен притисокот што го направија Ирците. Во второто полувреме, тие имаа шанси на почетокот и на крајот, кога Столе одбрани. Ги видов сите играчи, на сите им дадов шанса. Знаевме дека играме со добра репрезентација, а нашите играчи беа исцрпени. Нерешениот резултат е регуларен“, истакна Седлоски.
Генерално, Македонија имаше уште едно лошо издание: строга дефанзива и скоро никава офанзива. Деби за Македонија имаа Имран Фетаи (стартер) и Дени Мусовски.
Ирците започнаа со висок пресинг и агресивност и Македонија беше натерана да се брани. Во второто полувреме Седлоски уфрли нови играчи: Мусовски, Серафимов и Ристовски. Иако имавме солидна дефанзива, офанзивата не донесе резултат. Во 60.минута на теренот влегоа уште четворица: Николов, Рамадани, Дориев и Станковски. Најголем проблем беше повредата на Решат Рамадани, кој мораше да биде заменет со Бејтулаи. Единствена опасна шанса за победа имаше Кени во 90+5.минута, но Столе Димитриевски одбрани.
Македонија избегна пораз, благодарение на одбраните на Столе Димитриевски, но мечот беше слабо издание. Строга дефанзива и многу малку конкретни шанси, што остави впечаток на „меч за заборав“ во Даблин.
