КАСАМИ ДО ЛИМАНИ – Не може да се седи на две столчиња

Лимани тврди дека распоредот на седење го одредил домаќинот, додека од ВЛЕН велат дека во Тирана не бил како нивни претставник.

КАСАМИ ДО ЛИМАНИ – Не може да се седи на две столчиња
Фото: Принтскрин

Еден ден по објавувањето на фотографијата на која министерот во Владата поддржана од ВЛЕН-ВМРО, Фатмир Лимани, е во друштво со лидерите на албанската опозиција од ДУИ, Али Ахмети, и од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на ифтар организиран од премиерот на Албанија, Еди Рама во Тирана, Лимани излезе со објаснување на барање на коалицијата ВЛЕН.

Тој тврди дека домаќинот на настанот го одредил распоредот на гостите и местата за седење. Сепак, фотографијата што се прошири на социјалните мрежи покажува дека тие седеле заедно по ифтарот, а не за време на официјалната вечера во Палатата на конгресите во Тирана.

„На трпеза за добредојде не се оди со политички калкулации или со намера да се наруши атмосферата, туку за да се почитуваат традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Фотографијата или присуството во заедничка средина не ја менува ничија политичка историја. Додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од една ифтарска фотографија, јас се соочувам со поинаква реалност, отворен и исклучувачки однос кон мене, токму од оние со кои заедно изградивме политички проект“, изјави Лимани.

На ова реагираше еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, кој посочи дека Лимани во Тирана отпатувал самостојно, а не како претставник на коалицијата. Според него, ќе се разгледува и позицијата на министерот во Владата како кадар предложен од Движењето Беса, бидејќи, како што рече, „не може да се седи на две столчиња“.

„Како фотографија, не би рекла дека е најсоодветна, но ја отсликува позицијата на министер кој сè уште е дел од Владата, предложен од ВЛЕН. Секако, останува на господинот Лимани да објасни зошто седнал на иста маса со Али Ахмети, за кого самиот претходно изјави дека под никакви услови не би седел со луѓето кои ги обвинува за убиството на неговиот татко“, изјави Касами.

CATEGORIES
Share This