КРИС ПАВЛОВСКИ ВЛОЖУВА ВО АРХЕОЛОГИЈА Мисија за откривање на гробот на Александар Македонски

Неговата амбиција да го пронајде гробот на еден од најголемите воени водачи во историјата го поставува прашањето дали Македонија е подготвена да стане центар на нова археолошка ера, потпомогната од странски инвестиции и интерес за нејзината богата, но недоволно истражена историја.

КРИС ПАВЛОВСКИ ВЛОЖУВА ВО АРХЕОЛОГИЈА Мисија за откривање на гробот на Александар Македонски

Канадскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, најави дека ќе вложи средства во археолошки истражувања во Македонија со цел да се открие гробот на Александар Македонски. Павловски, основач на видео платформата „Рамбл“, ова го изјави за време на гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизијата Сител.

„Јас сум голем љубител на историјата, особено на археологијата и античката македонска историја. Заедно со неколку пријатели сме подготвени да вложиме сериозни ресурси за истражувања во Македонија. Верувам дека има многу неоткриени археолошки богатства и е време тие да бидат пронајдени“, изјави Павловски.

Тој додаде дека интересот за археологија го носи од младоста, инспириран од бројните приказни што ги слушал од своите баби, дедовци и роднини. Според него, време е тие усни преданија да се поврзат со материјални докази.

Павловски откри и дека неодамна биле откриени наоди на археолошки локалитет во близина на Битола, кои, како што рече, се поврзуваат со бабата на Александар Велики. Овој податок, вели тој, дополнително го мотивирал да инвестира во истражувања.

Посетата на Павловски на Македонија се совпаѓа со конференцијата „Македонија 2025“ која се одржува во Скопје. Премиерот Христијан Мицкоски вчера ги прими Крис Павловски и Џанкарло Девасини, сопственик на криптовалутата Тетер (USDT). Средбата, како што беше соопштено од Владата, вклучувала разговори за можни инвестиции во технолошката и дигиталната инфраструктура на државата.

Во февруари годинава, неговата компанија „Рамбл Клауд“ отвори претставништво во центарот на Скопје. Компанијата е позната по тоа што го хостира социјалната мрежа на американски претседател Доналд Трамп – „Трут Соушл“, и има блиски релации со истакнати членови на администрацијата на Трамп.

Покрај „Рамбл“, Павловски е активен и преку компанијата „Космик Девелопмент“, која оперира во ИТ-секторот во Македонија уште од 2013 година, со канцеларии во Битола и Скопје.

Неговата амбиција да го пронајде гробот на еден од најголемите воени водачи во историјата го поставува прашањето дали Македонија е подготвена да стане центар на нова археолошка ера, потпомогната од странски инвестиции и интерес за нејзината богата, но недоволно истражена историја.

CATEGORIES
Share This