ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ ОДЕКНА ВО НИШ Македонски музички таленти ја воодушевија српската публика
Гитаристот Коста Давчевски, виолинистката Вероника Мона Богиќ и пијанистот Никола Лекиќ настапија пред бројна публика во Ниш, во организација на Македонскиот КИЦ во Белград.

Со самостоен концерт на младиот гитарист Коста Давчевски, одржан во галеријата „Павиљон во Тврдината“, завршија деновите на претставување млади музички таленти во Ниш, организирани од Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Белград.
Пред преполната галерија, нишката публика со долги аплаузи и повикувања за бис го поздрави првиот самостоен концерт на Давчевски, кој важи за еден од најнаградуваните млади гитаристи во Србија. По таткова линија, тој има македонско потекло.
Младиот музичар се претстави со познати дела од светската гитарска литература, две композиции од српски композитори, како и со своја обработка на една од најпознатите македонски традиционални песни – „Јовано, Јованке“.
Музичката програма во Ниш опфати и настапи на уште двајца млади уметници со македонско потекло по мајчина линија – виолинистката Вероника Мона Богиќ и пијанистот Никола Лекиќ. Нивниот концерт се одржа во големата сала на Факултетот за уметности во Ниш.
Програмата беше насловена „Извори“, според истоимената композиција на Никола Лекиќ, специјално создадена за манифестацијата „Денови на македонската култура“, одржана во мај годинава.
Покрај делото на Лекиќ, на програмата беа застапени и композиции од македонските автори Томислав Зографски и Давор Јордановски. И овие млади музички уметници беа наградени со долги аплаузи од нишката публика.
Покрај успешното претставување на младите музичари, гостувањето во Ниш отвори можности и за нови културни соработки. Македонскиот КИЦ во Белград воспостави контакти со уште неколку млади музички уметници од Македонија, кои во моментов студираат во Ниш, со намера соработката да продолжи и во иднина.
Со концертите во Ниш, поддржани од Министерството за култура и туризам, Македонскиот КИЦ во Белград го реализираше четвртиот културен настан надвор од Белград во текот на оваа година.
Претходно, во рамките на оваа програма, беа организирани фотографска изложба на Александра Костадиновска и концерт на триото „Нова“ во Нови Сад.
Културните настани во Ниш и Нови Сад предизвикаа голем интерес и посетеност, како кај македонската заедница, така и кај пошироката културна јавност во овие два српски града.
Проектите ги иницираше и организираше директорот на Македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров, со цел афирмација на македонската култура и претставување на младите музички таленти пред публиката во Србија.

