ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ СО ПРВИ ОДЛУКИ – Нови имиња и огласи за партиски функции
На првата седница на новиот Извршен комитет беа избрани претседатели на повеќе партиски комисии и најавени нови внатрепартиски избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски информираше дека новиот Извршен комитет на партијата денеска ја одржал својата прва седница, на која биле донесени повеќе кадровски одлуки и насоки за понатамошно партиско екипирање.
Како што соопшти Мицкоски на својот фејсбук-профил, во рамки на кадровските освежувања, Извршниот комитет донел одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и за генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната седница биле избрани и претседатели на неколку партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е назначен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека Комисијата за безбедност и одбрана ќе ја предводи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
За претседател на Кадровата комисија е избран Благоја Ташаминов, а за претседател на Комисијата за туризам Аккан Махмут. За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје е избран министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Новиот состав на Извршниот комитет беше избран на седница на Централниот комитет што се одржа во петокот. Мицкоски тогаш изјави дека станува збор за комбинација од искусни и нови кадри и најави дополнително отворање на партијата кон нови идеи, луѓе и енергија во периодот што следува.


