ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПОТЕГ – Намалени барањата, еден труд помалку за магистратура и докторски студии
Весна Јаневска најави промени во законот за високо образование, вклучително и нови критериуми и помали барања за трудови

Предлог-законот за високо образование повторно ќе се разгледува во ЕНЕР, а потоа ќе оди во владина процедура, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Таа истакна дека биле прифатени голем број забелешки, вклучително технички и суштински промени, меѓу кои е намалување на бројот на трудови потребни за магистратура и докторски студии, воведување Scopus за хуманистичките и општествените науки и намалување на процентот на банкарска гаранција за приватните установи.
„Направивме отстапки каде што беа конструктивни, како еден труд помалку за магистратура и докторски студии, воведовме нови критериуми за развој на третото ниво на студии и други мерки што ќе бидат објавени во понеделник“, рече Јаневска.
Ректорот на Тетовскиот универзитет, Јусуф Зејнели, истакна дека главните забелешки се поврзани со докторските студии, особено со ограничувањето само четирите најрангирани универзитети да можат да ги организираат и прашањето за рангирањето. Тој посочи и потреба од повеќе финансиски средства за истражувања и нови работни места, потенцирајќи дека законот не смее да го загрозува автономниот статус на универзитетите.
Првата верзија на законот беше повлечена поради критики за недоволна транспарентност, загрозување на автономијата, финансирање и недоволно претставување на различни групи во рамките на универзитетите. Министерката Јаневска го оцени делот од критиките како барања на мала група професори.


