ИЗБОРЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО СРБИЈА Масовна излезност до 10 часот, речиси двојно повеќе гласачи отколку во 2023 година
Изборната комисија соопштува дека гласањето засега се одвива без поголеми нерегуларности, и покрај големите гужви пред избирачките места.

Во Србија денес се одржуваат вонредни парламентарни избори, кои уште во првите часови од гласањето се одбележани со исклучително висок интерес на граѓаните.
Според податоците што ги соопшти Републичката изборна комисија (РИК), до 10 часот на гласање излегле 19,72 проценти од регистрираните избирачи, што претставува речиси двојно поголема излезност во споредба со парламентарните избори од 17 декември 2023 година, кога во истиот период гласале 9,94 проценти.
Претседателот на Републичката изборна комисија, Владимир Димитријевиќ, изјави дека изборниот процес засега се одвива мирно и без посериозни инциденти или нерегуларности. Според него, единствениот предизвик на почетокот на изборниот ден бил големиот број граѓани кои уште рано наутро пристигнале да го остварат своето избирачко право. На одредени избирачки места биле забележани помали доцнења при отворањето, поради создадените гужви и подготовките на избирачките одбори.
„Би сакал да побарам малку разбирање и трпение, и од гласачите и од членовите на избирачките одбори“, порача Димитријевиќ.
Тој нагласи дека сите избирачки места се отворени и дека изборните органи се во постојана комуникација за непречено спроведување на гласањето. Податоците на РИК покажуваат значителни регионални разлики во излезноста до 10 часот.
Најголем одѕив е регистриран во Војводина, каде што гласале 23,62 проценти од избирачите, додека во Белград излезноста достигнала 20,46 проценти. Во Шумадија и Западна Србија гласале 17,08 проценти, а во Јужна и Источна Србија 17,40 проценти од регистрираните гласачи.
Високата излезност во првите три часа го зголемува интересот за конечниот одѕив и за резултатите од изборите.
Право на глас на вонредните парламентарни избори имаат вкупно 6.451.292 граѓани, кои можат да гласаат на 8.392 избирачки места. Од нив, 93 избирачки места се организирани во 37 држави во странство, додека 29 се наоѓаат во установи за извршување кривични санкции.
За гласачите од Косово и Метохија се определени 60 избирачки места во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин. На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи, а во зависност од службената употреба на јазиците во одделни општини и градови, гласачките ливчиња се достапни во повеќе јазични варијанти.
Изборите во Србија се одвиваат и под засилено внимание на домашната и меѓународната јавност. Според РИК, за следење на изборниот процес се регистрирани дури 16.271 набљудувач, од 26 домашни здруженија и 57 странски организации и институции.
Меѓу нив има претставници на парламентарни делегации, изборни комисии и дипломатски мисии. За споредба, на парламентарните избори во 2023 година биле регистрирани 5.587 набљудувачи, што укажува на значително зголемен интерес за сегашниот изборен процес.
Претседателот на РИК упати предупредување до членовите на избирачките одбори строго да ги почитуваат законските прописи и упатствата за спроведување на изборите. Тој потсети дека уништувањето изборен материјал, како и спречувањето граѓани да го остварат своето право на глас, претставува кривично дело.
Димитријевиќ нагласи дека гласањето е лично и тајно и дека изборните органи имаат обврска да обезбедат непречен изборен процес. Републичката изборна комисија најави редовни прес-конференции во текот на денот, на кои ќе бидат соопштувани нови податоци за излезноста и евентуалните случувања на избирачките места.
Гласањето завршува во 20 часот, по што се очекуваат првите информации за изборните резултати.
ДВЕТЕ СТРАНИ МОЖЕ ДА ПРОГЛАСАТ ПОБЕДА Аналитичари предупредуваат на тензии во Србија

