ИСТОРИСКИ 6 ФЕВРУАРИ 1945 – Првиот наставен час на македонски јазик во Битолската гимназија
Скромна, но полна сала: првиот наставен час на македонски јазик

На 6 февруари 1945 година, во Битолската гимназија, се одржа првиот наставен час на современ македонски јазик во едно македонско средно училиште. Одлуката за тоа беше донесена на првиот наставнички совет, кој го претседавал директорот Орде Печијаре, а на истиот совет беа донесени уште пет други значајни одлуки за организацијата на гимназијата.
Скромно украсената сала на гимназијата беше полна со ученици и гости. Со подигањето на завесата настапи молк, а директорот Печијаре соопшти дека гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик, што беше проследено со силен аплауз. Претставници на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето на гимназијата во ослободената татковина.
Членовите на новоформираниот градски театар заедно со културно-уметничката група при гарнизонот приредија пригодна програма. За прв пат беа изведени стихови од Константин Миладинов („Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“), стихови од Кочо Рацин и македонски народни песни, кои ги растреперија срцата на присутните.
Во првата учебна година наставата ја следеле 572 ученици поделени во 13 мешани паралелки, а учебната година завршила на 20 јуни 1945 година. Битолската гимназија во текот на времето менувала имиња: од 1945 до 1952 година го носела името на Гоце Делчев, во 1951-1952 се викала Нижата гимназија „Никола Карев“, а од 1952 година и денес го носи името „Јосип Броз-Тито“. Сепак, најпозната во градот под Пелистер останува како „Горната гимназија“.
Во холот на гимназијата се поставени мермерни плочи со имињата на пет народни херои, средношколци кои учеле тука: Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди.
Многу ученици од генерациите кои минале низ ова училиште подоцна станале значајни личности во науката и културата, меѓу кои Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов, Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.


