ИРАН ПРЕДУПРЕДУВА – Ако САД нападнат, ние ќе го нападнеме Израел
Советникот на Хамнеи вели дека Иран е подготвен за војна, но не бара конфликт

Советникот за одбрана на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, и поранешен секретар на Советот за национална безбедност, Али Шамкани, предупреди дека Техеран е подготвен за потенцијален конфликт и дека ќе реагира врз Израел доколку САД го нападнат Иран.
„Подготвени сме за можна војна. Ако САД нападнат, дефинитивно ќе го нападнеме Израел. Непријателите се обидуваат да го проголтаат Иран, но тоа е залак што ќе им се заглави во грлото, бидејќи никогаш нема да успеат во тоа“, изјави Шамкани во интервју за телевизискиот канал Ал-Мајадин, поврзан со Хезболах.
Тој додаде дека Иран не бара конфликт, но дека секој напад врз земјата би можел да предизвика поширок регионален конфликт. Според него, одговорот на САД би ги вклучил и Израел, бидејќи „тие две земји не можат да се гледаат одделно“.
Шамкани истакна дека Иран нема да се откаже од поддршката на движењата на отпорот во регионот и дека притисокот врз Техеран произлегува од неговата улога во тоа.
Тој нагласи дека преговори со САД се можни само ако се напуштат заканите и притисоците, и дека проширување на преговорите на други теми освен нуклеарната програма не доаѓа предвид.
Во однос на нуклеарната програма, Шамкани потврди дека Иран нема намера да премести нуклеарни резерви во странство и дека програмата е исклучиво за мирни цели. Иран би можел да го намали нивото на збогатување на ураниум од 60% на 20% ако другата страна покаже сериозност и понуди соодветни отстапки. Тој повтори дека земјата не се стреми кон нуклеарно оружје, повикувајќи се на религиозна забрана на врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи.
Шамкани коментираше дека разговорите меѓу специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кои се очекуваат во петок во Турција, ќе бидат прво индиректни, но можат брзо да преминат на директни ако се создаде атмосфера на меѓусебно разбирање.

