ИМАШ ИДЕЈА ЗА ВИДЕО Освои 60.000 денари од Народната банка

Во тек е конкурсот „Што значи за мене Народната банка?“ – учесниците имаат рок до 31 октомври да објават оригинално видео и да се натпреваруваат за парична награда од 60.000 денари.

ИМАШ ИДЕЈА ЗА ВИДЕО Освои 60.000 денари од Народната банка
Фото: Принтскрин

Народната банка нуди награда од 60.000 денари за најдобриот видеоматеријал на тема „Што значи за мене Народната банка?“, во рамките на конкурсот со хаштагот #МојатаНБ, организиран по повод 80 години централно банкарство во Македонија.

Целта на конкурсот е граѓаните, особено младите, преку сопствена перспектива и креативни идеи да ја претстават улогата на централната банка и нејзиното значење во секојдневниот живот. Персоналниот данок на доход за наградата го покрива Народната банка.

Какво видео може да учествува?

Учесниците можат да изберат формат по сопствена желба – анимација, интервју, скеч, документарен запис или друга креативна содржина соодветна за социјалните мрежи.

Темите може да се однесуваат на стабилноста на денарот и цените, девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, безбедноста на плаќањата, девизните резерви или значењето на економските податоци за граѓаните.

Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Македонија, со исклучок на членовите на Советот и вработените во Народната банка, како и членовите на нивните семејства.

Секој учесник може да достави најмногу пет видеоматеријали. Видеото мора да биде оригинално авторско дело, да трае најмногу три минути и да биде изработено на македонски или албански јазик. Се препорачува да содржи и вградени титлови на еден од овие два јазика.

Рокот истекува на 31 октомври

За учество, видеоматеријалот треба да биде објавен на личниот профил на Фејсбук или Инстаграм во периодот од 1 до 31 октомври 2026 година.

Учесниците задолжително треба да го користат хаштагот #МојатаНБ и да го означат официјалниот профил на Народната банка:

  • Фејсбук: @narodnatabanka
  • Инстаграм: @narodnabanka.mkd

Објавата мора да биде јавно достапна во текот на конкурсот.

Народната банка ги повикува граѓаните да ја искористат можноста за креативно изразување и да покажат што значи централната банка за нив – со можност најдобрата идеја да биде наградена со 60.000 денари.

CATEGORIES
Share This