И ПОКРАЈ БУГАРСКИТЕ ПРИТИСОЦИ – ЕП го поддржа македонскиот идентитет
Следниот чекор е пленарно гласање во Европскиот парламент, кое ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур. По денешното гласање, бугарски европратеник најави дека ќе предложи таканаречено „мислење на малцинството“ како додаток на извештајот.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денес со широко политичко мнозинство го усвои првиот извештај за напредокот на Македонија од 2022 година. Извештајот, чиј автор е европратеникот и известувач за Македонија, Томас Вајц, содржи јасни референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
„Горд сум на напорната работа и компромисите што беа неопходни за да се усвои овој добро избалансиран извештај. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во овој геополитички предизвикувачки период. Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години, мора да го одржиме позитивниот моментум на проширување,“ изјави Вајц.
Претходно, гласањето беше планирано за 4 јуни, но беше одложено на барање на Вајц, поради несогласувања и притисоци од бугарските европратеници, кои реагираа на формулацијата во извештајот поврзана со македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш истакна дека и покрај притисоците, останува цврсто зад документот, кој е резултат на инклузивни преговори со сите политички групи во Европарламентот.
Во извештајот се нагласува потребата од зачувување на кредибилитетот и динамиката на евроинтегративниот процес, како и заложбата на Македонија за усогласување со европските политики. Се повикува на забрзување на преговорите за членство, вклучително и на спроведувањето на уставните измени.
Следниот чекор е пленарно гласање во Европскиот парламент, кое ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур. По денешното гласање, бугарски европратеник најави дека ќе предложи таканаречено „мислење на малцинството“ како додаток на извештајот.


