ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ПРИСТИГНА ВО СКОПЈЕ Пречек и тет-а-тет средба со претседателката на Македонија
Во рамки на посетата, претседателот Милановиќ ќе положи венец на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, оддавајќи почит на неговата улога во македонската историја.

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, допатува во официјална посета на Република Македонија, на покана на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Хрватскиот претседател беше пречекан со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија, по што се одржи тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели.
Во текот на разговорите, акцентот беше ставен на билатералните односи, процесот на европската интеграција на Македонија и регионалните предизвици, со посебен фокус на меѓународниот поредок и амбиентот на Европската Унија.
Двете страни изразија задоволство од конструктивната соработка во бројни области, потврдувајќи силното пријателство засновано на меѓусебното разбирање и поддршка.
Во контекст на актуелните глобални и европски предизвици, соговорниците нагласија важноста на усогласен пристап на регионалниот план за ефективно справување со безбедносните проблеми.
Претседателката на Македонија изрази длабока благодарност за постојаната и силна поддршка од Хрватска во процесот на македонското членство во Европската унија, нагласувајќи спремност за продолжување и продлабочување на соработката во повеќе клучни области од заемен интерес.
По билатералниот разговор следи и пленарен состанок на делегациите од двете земји.
Во рамки на посетата, претседателот Милановиќ ќе положи венец на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, оддавајќи почит на неговата улога во македонската историја.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќај во поширокото централно подрачје на град Скопје. Од СВР Скопје апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници за да се овозможи непречено и безбедно одвивање на официјалната посета.
Посетата на претседателот Милановиќ се оценува како значаен чекор во унапредувањето на билатералните односи и регионалната соработка меѓу Северна Македонија и Хрватска.


