ХОЛИВУД ВО ШОК Синот осомничен за смртта на Роб и Мишел Рајнер

Роб и Мишел Рајнер се порнајдени мртви во својот дом во Лос Анџелес, а случајот се истражува како можен злостор

ХОЛИВУД ВО ШОК Синот осомничен за смртта на Роб и Мишел Рајнер
Фото: Принтскрин

Холивуд е во шок по веста за трагичната смрт на познатиот актер и режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер, кои беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес во неделата, 14 декември. Локалната полиција соопшти дека случајот се истражува, а американските медиуми јавуваат дека постојат сомневања за насилна смрт.

Според неофицијални информации, телата ги пронашла нивната ќерка Роми. Дел од медиумите наведуваат дека нивниот син Ник Рајнер, кој со години јавно зборувал за својата борба со зависноста, е предмет на истрага, иако засега нема официјална потврда од надлежните органи.

Семејството Рајнер во кратко соопштение повика на почитување на приватноста:

„Со длабока тага ја објавуваме трагичната загуба на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од оваа ненадејна трагедија и молиме за разбирање и приватност во овие тешки моменти.“

По објавувањето на веста, повторно во фокусот на јавноста се најде интервју што Ник Рајнер го даде во 2016 година, во кое отворено говореше за својата долготрајна борба со зависноста од дрога, честите рехабилитации и периодот кога, по одбивањето на лекување, живеел како бездомник.

Во интервјуто, Ник откри дека првпат бил испратен на рехабилитација околу својот 15-ти роденден. До 22-годишна возраст, поминал низ 17 различни установи за лекување. Тие искуства подоцна му послужиле како инспирација за полуавтобиографскиот филм „Биди Чарли“, проект на кој соработувал со својот татко, кој беше и режисер на филмот.

„Тоа не е целосно мојот живот“, изјави тогаш Ник, „но сум бил на многу од тие места и носам многу од тие приказни со себе.“

Еден од најтешките периоди, како што раскажа, започнал кога одбил повторно да замине на рехабилитација.

„Ако сакав да го правам тоа на свој начин и да не ги прифатам програмите што ми беа понудени, единствената опција беше да бидам бездомник“, рече тој.

Следувале месеци на несигурност и живот на улица во неколку американски држави.

„Бев бездомник во Мејн, во Њу Џерси, во Тексас… Спиев на улица со денови и недели. Не беше воопшто лесно“, се присети тој, нагласувајќи дека тој период бил драстично различен од животот во познато холивудско семејство.

И покрај сè, Ник истакна дека тие искуства силно го обликувале.

„Ме направи тоа што сум денес. Морав да се соочам со тие предизвици“, рече тој, додавајќи дека запознал луѓе и животи кои биле целосно надвор од неговиот дотогашен свет.

Враќањето дома, призна, исто така било тешко.

„Со текот на времето се прилагодив на животот во Лос Анџелес и на повторното поврзување со семејството, но имаше многу темни години зад мене.“

Осврнувајќи се на минатото, Ник беше искрен за ризиците:

„Кога бев на улица, можев да умрам. Сè е прашање на среќа – ги фрлаш коцките и се надеваш дека ќе преживееш.“

Во времето кога го даваше интервјуто, по излегувањето на филмот „Биди Чарли“ во 2015 година, Ник нагласи дека трезвеноста му е апсолутен приоритет и единствениот начин никогаш повеќе да не се врати на животот што го оставил зад себе.

CATEGORIES
Share This