ХЕРОЈСТВО И УЖАСОТ ВО ПУЛС Сведокот Дејан Николов го раскажа пеколот
„Сведокот раскажа како со својот син и пријатели спасувале настрадани од затворените простории

Со потресно и длабоко емотивно сведочење на Дејан Николов, сопственик на соседниот автолимарски сервис, денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што на 16 март животите ги загубија 63 млади луѓе.
Пред судот, во присуство на расплакани родители и роднини на загинатите, Николов го опиша пеколот на кобната ноќ. Тој сведочеше за дискотеката која со години работела во опасни и несоодветни услови. Прозорците гледано кон надвор биле заѕидани или затворени со изолација од внатрешната страна, правејќи од објектот „вистинска стапица“ за посетителите.
Николов, кој беше првиот сведок по воведните зборови на одбраната, раскажа дека случајно се нашол пред дискотеката со пријатели и својот син само неколку минути пред избувнувањето на пожарот. Кога густ црн чад го преплавил просторот и настанал хаос, тој веднаш го вклучил цревото од својот сервис, обидувајќи се да помогне.
„Слушнав гласови и тропање од женскиот тоалет. Прозорецот беше со решетки. Ги скршивме стаклата, а девојчињата се држеа за решетките и молеа за помош. Светеа со телефоните и пискаа. Ги прскав со вода за да можат полесно да дишат. Син ми зад мене викаше: ‘Тато, те молам спаси ги!’“ – сведочеше Николов, додека судницата беше потопена во тишина и солзи.
Тој детално опиша како заедно со својот син и пријателите, користејќи професионални маски и гази, се обидувале да извлечат настраданите, додека кровот на објектот почнал да пука и се урива. Особено тежок момент бил кога му пристапил син на еден од локалните лекари со тешки изгореници, барајќи помош.
„Дојде пет часот наутро, а мене ми се чинеше како вечност. Верував дека има само повредени. Кога се свртев, видов три тела до мене. Беше страшно… тела имаше насекаде“, рече сведокот со треперлив глас.
И покрај ваквите сведоштва за пренатрупаност, нелегално користење пиротехника и долгогодишно работење без исполнување на минимални технички услови, сите 35 обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
Судењето, кое се одржува во судницата во Идризово, продолжува со вкрстено испрашување на сведокот од страна на одбраната.


