ХАОС ВО ЈУЖНА КОРЕЈА По дебаклот на СП, тренерот под полициска заштита и во бегство
Елиминацијата уште во групата го запали гневот на јавноста.

Поранешниот селектор на јужнокорејската фудбалска репрезентација, Хонг Мјунг-бо, ја напушти земјата по бран силни критики и закани што следеа по елиминацијата на националниот тим уште во групната фаза на Светското првенство.
Според јужнокорејските медиуми, тој пристигнал на аеродромот во Сеул со капа и заштитна маска, обидувајќи се да не биде препознаен, по што се качил на лет за САД.
Иако по неуспешниот настап поднел оставка, реакциите во јавноста не се смириле. Напротив, критиките продолжиле, а дел од извештаите наведуваат дека бил изложен и на сериозни закани, вклучително и закани со смрт, поради што решил привремено да ја напушти Јужна Кореја.
Дополнителен притисок врз ситуацијата предизвикале и политички реакции, откако претседателот на државата јавно го критикувал начинот на кој е водена репрезентацијата, нагласувајќи дека лојалноста и припадноста не смеат да бидат поважни од стручноста.
По враќањето на репрезентацијата во земјата, атмосферата станала исклучително напната. Хонг бил под засилена безбедносна заштита, а според одредени медиуми, му било ограничено движењето и пристапот до јавни места од безбедносни причини.
Поранешниот селектор засега не дава изјави за јавноста, но остава можност во иднина да ја раскаже својата страна од настаните што довеле до неговото заминување од земјата.


