ХАОС ВО МИЛАНО – 500 војници на улиците по грабежите и судирите, стотици млади приведени
Дводневните насилни протести прераснаа во грабежи и судири со полицијата. Мелони најавува решителен одговор, а владата разгледува построги мерки против малолетничкото насилство.

Италијанската влада планира да распореди дополнителни 500 војници во Милано по дводневните немири во кои демонстранти се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и предизвикаа материјална штета низ градот. Одлуката ја најави вицепремиерот Матео Салвини, а распоредувањето е дел од поширок пакет безбедносни мерки што владата треба да ги разгледа.
Насилството предизвика сериозна загриженост кај трговците во центарот на Милано. Дел од продавниците затворија порано, ги отстранија производите од излозите или ги заштитија со дрвени панели и картон, стравувајќи од нови грабежи и вандализам, објавува „Гардијан“.
Во текот на викендот, неколку стотици маскирани демонстранти запалиле канти за отпадоци и ограбувале продавници во централното градско подрачје. Мерките за заштита особено беа забележливи во луксузната трговска зона Виа Монтенаполеоне, каде што се наоѓаат продавници на познати модни брендови, меѓу кои „Шанел“ и „Диор“. Меѓу ограбените објекти биле и продавници на „Декатлон“, „Арктерикс“ и „Водафон“. Полицијата засилила патроли низ улиците за да спречи нови инциденти.
Демонстрациите започнале во саботата, првично со барања за подобри јавни услуги и реакција на растечките трошоци за живот. Меѓу учесниците имало и малолетници, а протестот подоцна ескалирал во судири, грабежи и уништување имот.
Полицијата привела 271 младо лице за време на немирите во Милано во неделата. Судири биле пријавени и во други северноиталијански градови, меѓу кои Болоња, Бреша, Бергамо и Торино, каде што биле уапсени уште 28 демонстранти.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди насилството и одржа итен состанок со министрите и претставниците на безбедносните служби. Министерот за надворешни работи Антонио Тајани порача дека владата ќе одговори решително на нападите врз државата, вклучително и со мерки за справување со насилството меѓу малолетниците.
Според италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, владата разгледува можност за продолжување на превентивниот притвор за малолетници и дополнителни мерки против малолетничките банди. Се разгледува и можноста за порано спроведување на одредени одредби од безбедносниот закон што сè уште е во парламентарна процедура.
Дополнителното распоредување војници и најавените законски мерки се дел од обидот на италијанските власти да ја вратат безбедноста и да спречат повторување на насилството.

