ХАОС НА УЛИЦИТЕ ВО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ – Протести и блокади поради одземени возила

Протести избија во Кочани, Струмица, Прилеп, Штип и кај Битола поради одземање возила управувани без возачка дозвола.

ХАОС НА УЛИЦИТЕ ВО ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ – Протести и блокади поради одземени возила
Фото: Принтскрин

На повеќе локации низ земјава избија протести поради одземањето на возила управувани без возачка дозвола. Протестни активности се одржаа во Кочани, Струмица, Прилеп, Штип, како и на дел од регионалниот патен правец кај Битола, при што на одредени места беше нарушен јавниот ред и мир.

Во Штип демонстрантите запалија гуми на улица, по што интервенираше Пожарната служба за да го изгасне огнот и да овозможи нормализирање на сообраќајот. Надлежните служби ја следат состојбата и апелираат протестите да се одвиваат мирно и без загрозување на безбедноста и имотот.

Во кочанската населба Трајаново Трло протестот се одржа на улицата Цветан Димов, како реакција на новиот закон за одземање возила управувани без возачка дозвола. Демонстрантите, како израз на револт, запалија гуми, што предизвика чад и краткотрајна блокада на улицата. По интервенција на пожарникарски и полициски екипи, огнот беше изгаснат, а собирот прекинат со цел да се спречи понатамошна ескалација.

Вечерва под блокада е и транзитниот пат во Струмица, кај Ромското маало. Група граѓани протестираат против казните што Министерството за внатрешни работи почна да ги издава во рамки на системот „Безбеден град“. На терен се екипи на СВР и ТППЕ Струмица, а во овој дел од градот беа забележани чад и оган поради запалени гуми, што дополнително го влошува проблемот со загадувањето на воздухот.

По блокадата на магистралниот пат Битола-Охрид со запалено ѓубре, жители од битолската ромска населба Баир протестираа пред Судот и Полицијата во Битола. Тие реагираат откако полицијата им одзела возила поради управување без возачка дозвола. Протестантите бараат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да се најде решение што би им овозможило да добијат возачка дозвола без полагање возачки испит, поради нивната необразованост, или да поднесе оставка.

„Немаме ништо против полицијата. Возиме без дозволи затоа што немаме школо, а со возилата ги храниме децата. Бараме начин да добиеме возачка дозвола. Ако знам да возам и ги почитувам правилата, ќе си платам. Ако ни ги земат возилата, ќе останеме без леб“, изјави Рафет Мемишовски на протестот.

Од институциите најавуваат постапување согласно законските надлежности, нагласувајќи дека палењето гуми и нарушувањето на јавниот ред и мир претставуваат кривично дело. Засега нема официјални информации за приведени лица.

CATEGORIES
TAGS
Share This