УКРАИНСКИ РАЗУЗНАВАЧИ И ВОЈНИЦИ ВО МЕЃУСЕБНА ПРЕСМЕТКА Спречена крвава ноќ во санаториумот
Инцидентот избувнал по несогласување околу акција на терен, а престрелката траела неколку минути.

Тешка вооружена пресметка избувна вечерта на 3 декември во близина на Киев, кога припадници на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) влегоа во конфликт со војници од редовната украинска армија.
Инцидентот, кој го пренесе „Украинска правда“, се случил во просториите на санаториумот „Октјабр“ во Конча-Заспа и резултирал со апсење на повеќе војници, како и со повредени лица.
Според изворите, конфликтот избувнал откако и ГУР и војниците од единицата А4005 побарале контрола над истиот објект. Оперативците на ГУР наводно насилно ја отвориле портата на санаториумот, каде што веќе биле распоредени армиски сили, по што испукале истрели во земја и воздух и привеле десетмина војници. Приведените, според истите извори, претрпеле „значајни“ повреди.
По акцијата, припадниците на ГУР се забарикадирале во зградата, одбивајќи да ја напуштат и да дозволат пристап на полицијата и воената команда. Иако приведените војници подоцна биле ослободени, тензиите останале високи.
Портпаролот на ГУР изјави дека службата претходно склучила договор со сопственикот на земјиштето за користење на санаториумот како сместувачки капацитет. Документот бил доставен до локалните власти и полицијата, но не требало да биде пошироко дистрибуиран поради безбедносни причини.
Од спротивната страна, претставници на украинските вооружени сили тврдат дека и тие имаат активен договор за закуп на објектот. ГУР, пак, инсистира дека овој договор е веќе неважечки и дека присуството на регуларните војници во санаториумот станало нелегално.


