ГРИПОТ ГИ ПОЛНИ ДЕТСКИТЕ КЛИНИКИ – Лекарите апелираат на внимателност

Во Козле на болничко лекување се 80 деца со пневмонија, а дневно се извршуваат до 250 прегледи.

ГРИПОТ ГИ ПОЛНИ ДЕТСКИТЕ КЛИНИКИ – Лекарите апелираат на внимателност
Фото: Принтскрин

Грипот бележи силен пораст кај децата, а во пресрет на празниците Клиниката за респираторни заболувања во Козле работи со речиси целосно исполнети капацитети. Најчести симптоми кај најмладите пациенти се висока телесна температура, болки во грлото, силни напади на кашлица, а кај дел од нив состојбата комплицира и со пневмонија.

Во моментов, 80 деца со дијагностицирана пневмонија се на болничко лекување во Козле, додека дневно се извршуваат и до 250 лекарски прегледи. Пет деца се на кислородна поддршка, а болничките одделенија се речиси целосно пополнети.

Педијатарката д-р Мирјана Поповска од Клиниката во Козле информира дека инфлуенцата кај децата најчесто се манифестира со висока фебрилност, која достигнува и до 40-41 степен, изразена малаксаност, болки во мускулите и прогресивна кашлица. Таа апелира родителите навреме да побараат лекарска помош доколку се јави отежнато дишење или влошување на кашлицата, бидејќи грипот може да доведе до тешка пневмонија.

Зголемен број хоспитализации има и на Детската клиника во Скопје, каде што во моментов се лекуваат 130 деца со различни здравствени состојби. Лекарите предупредуваат дека бројот на заболени најверојатно ќе продолжи да расте и во наредниот период, а за време на празниците ќе бидат обезбедени дежурни медицински тимови за итни интервенции.

CATEGORIES
Share This