ГРЦИЈА РЕАГИРА – Северна Македонија останува официјално име

Грчката страна нагласува дека почитувањето на договорите е основа за мир и добрососедски односи.

ГРЦИЈА РЕАГИРА – Северна Македонија останува официјално име
Фото: Принтскрин

Грчкото Министерство за надворешни работи денес реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој за внатрешнополитички цели тврдеше дека го „вратил името“ на Македонија, повикувајќи се на тоа дека и лидерот на СДСМ започнал да ја нарекува земјата така, наместо „Северна Македонија“.

„Потсетуваме дека уставното име на соседната држава е ‘Северна Македонија’, како што е јасно наведено во член 1 од Преспанскиот договор, на кој таа е страна. Преспанскиот договор е дел од Уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво. Секој обид за менување или фалсификување на содржината на Договорот нема да биде прифатен од грчката страна.

Преспанскиот договор е дел од меѓународното право, а неговото почитување е основа за мирен соживот помеѓу народите и државите. Во меѓународните договори нема „фактички ситуации“ – нивната примена е униформна. Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на земјата бараат строго почитување на договорите и добрососедски односи“, стои во соопштението на грчкото МНР.

Во интервју за Сител, Мицкоски, коментирајќи ги критиките од СДСМ дека не може да му се верува бидејќи ветувал поништување на Преспанскиот договор, рече дека тоа не е точно и како пример го наведе лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз, Венко Филипче, кој според него, сега во јавните настапи користи „Македонија“ наместо „Северна Македонија“.

„Ги гледам – не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи договорот. Па, еве го вративме. Дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘Северна’, сега користи ‘Македонија’“, изјави Мицкоски.

CATEGORIES
Share This