ГОРИВОТО СКАПО КАКО НИКОГАШ – Патниците ќе плаќаат повеќе за багаж, седишта и приоритетно качување во авион
Цената на авионското гориво порасна за 59% поради конфликтот

Конфликтот на Блискиот Исток веќе започна да влијае директно врз глобалната авио-индустрија, со очекувано значително зголемување на цените на авионските билети во наредниот период. Експертите од секторот се согласуваат дека поскапувањето е неизбежно, а главната причина е драматичното зголемување на цената на авионското гориво. Според американскиот индекс Argus, просечната цена на авионско гориво во САД достигна 3,99 долари по галон, што претставува пораст од 59% во споредба со 2,50 долари пред почетокот на конфликтот.
Затворањето на критични делови од воздушниот простор на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со нафта преку Ормускиот теснец, низ кој се транспортира 20% од светската нафта, директно го зголемуваат цената на енергенсите. Авиокомпаниите веќе започнаа да реагираат на растечките трошоци: Air France–KLM најави поскапување на повратните билети на долгите линии за околу 50 евра, Air India воведе дополнителна такса за гориво до 50 долари за летови кон Европа и САД, а Cathay Pacific и Hong Kong Airlines веќе ја зголемија доплатата. United Airlines и други компании исто така најавија дека поскапувањето ќе стапи на сила наскоро.
Горивото учествува со 20-25% од вкупните оперативни трошоци на авиокомпаниите, па секое зголемување директно се одразува на цената на билетите. Дополнително, затворањето на воздушниот простор принудува летовите да се пренасочуваат по подолги алтернативни рути, што дополнително ја зголемува потрошувачката на гориво. Патниците ќе почувствуваат поскапување не само преку основната цена на билетот, туку и преку дополнителни такси за багаж, избор на седиште, приоритетно качување и премиум услуги.
Експертите советуваат да се резервираат билети што е можно порано, да се проверуваат цените на блиските аеродроми и да се биде флексибилен со датумите на патување за да се намали влијанието од дополнителното поскапување.


