ГОЛЕМА ПОБЕДА – ВРЕДИ се прогласи за втора политичка сила
Граѓаните јасно испратија порака до ДУИ: време е за реформа и оставка на Али Ахмети.

Изборниот штаб на коалицијата ВРЕДИ во Тетово на прес-конференција истакна дека со добиените општини, тие сега се позиционираат како втора политичка сила во државата. Башким Бакиу, од изборниот штаб на коалицијата, оцени дека резултатите ја заокружуваат промената кај Албанците.
„ВРЕДИ постигна убедлива победа речиси во сите општини каде што учествувавме во вториот круг. Сакам од срце да им се заблагодарам на граѓаните за големата поддршка која ја потврдува нашата исправна визија. Можам да потврдам убедлива победа во Тетово со разлика од над 5000 гласови, како и победи во Боговиње, Дебар, Долнени и Струга“, рече Бакиу.
Тој додаде дека граѓаните јасно упатиле порака до ДУИ.
„Граѓаните и пред две недели и денес зборуваа јасно и гласно. Деструктивните политики на ДУИ, нивните лаги и манипулации повеќе не поминуваат. Време е Али Ахмети да поднесе оставка и да ја реформира партијата ако сака да остане како политичка сила. За Албанците во Северна Македонија доаѓа светла иднина, полна со работа и проекти, каде новото ќе триумфира над старото“, додаде Бакиу.
На новинарско прашање за резултатите во Кичево и Брвеница, Бакиу рече дека изборите таму биле предадени од страна на Али Ахмети, кој наместо да се соочи со граѓаните, денес бил во Тирана.


