ГЛАСОТ НА МЛАДИТЕ ОДЕКНА – Филмот „Гласна тишина“ ја отвори вистината за врсничкото насилство
Децата ги носат решенијата за безбедни и инклузивни училишта.

На 25 март 2026 Првата детска амбасада во светот Меѓаши го одбележа јубилејот, 15 години посветеност, визија и континуирана работа насочена кон создавање побезбедно, поинклузивно и похумано општество, почнувајќи од училиштата. Со премиерната проекција на документарниот филм „Гласна тишина” во режија на Владимир Митревски Ѓуле, заедно со ученици, наставници, професори, практичари и активист(к)и, испративме силна порака: мирот не е тишина туку храбра, секојдневна акција.
Овој настан беше потсетник дека зад Програмата за мировно образование стојат години посветена работа, наставници и ученици кои создаваат безбедна и поддржувачка средина во училиштата и заедница која гради култура на мир, дијалог, разбирање и почит.
Но, најсилниот впечаток го оставија токму децата. Со својата искреност, креативност и зрелост, тие споделија идеи и визии за тоа како да изградиме подобра средина за живеење. Нивните размислувања беа оригинални, храбри и инспиративни, доказ дека кога младите имаат простор да се изразат, тие нудат вистински решенија.
Вчера се потврди дека детско-младинското учество не е формалност, тоа е суштински дел од процесот на креирање и реализирање на програмата за мировно образование. Токму преку нивните гласови учиме, се насочуваме и ги планираме следните чекори.
Филмот им се допадна, но уште поважно, отвори простор за дијалог за врсничкото насилство, менталното здравје и создавањето безбедни училишта и заедници.
Особена благодарност до училиштата кои активно учествуваа и придонесоа со своето знаење, енергија и посветеност: СУГС „Никола Карев”, ООУ „Рајко Жинзифов”, ООУ „Јашар Беј Шкупи”, ООУ „Јан Амос Коменски”, СУГС „Панче Арсовски”, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин”, СУГС „Зеф Љуш Марку”, ООУ „Наум Наумовски Борче”, СУГС „Кочо Рацин” и СУГС „Јосип Броз Тито”.
Во изминатите 15 години, Програмата за мировно образование опфати 76 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8.000 ученици, создавајќи мрежа на „мировни училишта”, заедница која учи, се поддржува и расте заедно.
Во рамки на програмата, континуирано се развива и зајакнува мрежата на мировни училишта, динамична заедница на образовни институции кои активно ги применуваат вредностите на мирот, ненасилството и почитта во секојдневната работа. Оваа мрежа претставува простор за заемна поддршка, размена на искуства и заедничко дејствување кон создавање посигурни, инклузивни и праведни училишни средини.
Голема благодарност до сите ученици, наставници, партнери и поддржувачи кои се дел од оваа приказна. Без вас, ова немаше да биде возможно.
Филмот „Гласна тишина” можете да го погледнете тука:
(МК) https://youtu.be/5omjF2up0v8
(АЛБ) https://youtu.be/BYpQf1dqQ2
(ENG) https://youtu.be/p3cP0902VHw?si=E_1LespbKIoZ5bpL



