ГЛАСОТ КОЈ ГО СЛУШАМЕ – Нова теренска кампања за директен дијалог со земјоделците
Тимови од Министерството и институциите ќе посетат над 30 општини и повеќе од 120 населени места низ државата.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Владата ја започнува новата теренска кампања „Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“, чија цел е директна комуникација со земјоделците и претставување на мерките и политиките за поддршка на земјоделското производство. Кампањата денеска ја најави министерот Цветан Трипуновски.
Според најавата, два поголеми тима ќе посетат повеќе од 30 општини, додека шест помали тимови ќе опфатат над 120 населени места низ државата. Средбите со земјоделците ќе се одржуваат во текот на неделата, во среда, петок и сабота, во зависност од типот на тимот.
Во активностите ќе учествуваат директори од сите институции во земјоделскиот сектор. Во помалите тимови ќе бидат вклучени директорите на клучните институции: Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД Водостопанство, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство и Здравко Трајанов од ЈП Национални шуми. Еден од тимовите ќе го предводи и самиот министер, а во посетите ќе се вклучат и други раководители од секторот и претставници од локалните структури на Министерството.
Трипуновски истакна дека главната цел на кампањата е директно да се слушнат ставовите, проблемите и идеите на земјоделците. На средбите ќе се разговара за актуелните предизвици во производството, можните решенија и предлози за подобрување на условите, како и за мерките и политиките што се спроведувале во изминатите две години.
„На овие средби ќе разговараме за реалните проблеми со кои се соочуваат македонските земјоделци, ќе ги слушнеме нивните идеи и предлози, но и ќе ги презентираме политиките и мерките за поддршка на домашното земјоделство“, изјави министерот.
Тој нагласи дека земјоделците имаат суштинско значење за државата, бидејќи тие не се само производители на храна, туку и двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и важен фактор за стабилноста на домашниот пазар.
Министерот упати и повик до земјоделците активно да се вклучат во кампањата.
„Ве повикувам сите да се вклучите и да бидете дел од оваа заедничка кампања ‘Гласот кој го слушаме – македонско најдобро’. Заедно да создадеме подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство“, порача Трипуновски.
Во своето обраќање тој повтори дека „најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и од вредните раце на нашите чесни и работливи земјоделци“.


