ГЕРМАНИЈА СЕ РАСПАЃА Нагелсман подготвува куфери, Клоп го чека повикот
Германската јавност бесна по елиминацијата од Парагвај, Нагелсман под најголем притисок досега.

Германскиот фудбал повторно е во центарот на жестоки критики. Репрезентацијата која со децении важеше за една од најсилните во светот, денес се соочува со ново големо разочарување и елиминација уште во првата нокаут-фаза на Светското првенство. „Панцерите“ беа поразени од Парагвај по изведување пенали во осминафиналната фаза, што е уште еден тежок удар за селекцијата која на последните три Мундијали не успева да стигне до завршницата. По неуспесите во 2018 и 2022 година, кога Германија не ја помина ниту групната фаза, сега следува нова болна елиминација.
Најголем дел од критиките се насочени кон селекторот Јулијан Нагелсман, за кого дел од германските медиуми сметаат дека не успеал да ја врати репрезентацијата на патот на старите успеси. Познатиот фудбалски аналитичар Раде Богдановиќ даде остар коментар за состојбата во германската репрезентација и изборот на млад селектор.
„Еуфоријата околу селекторот затоа што е млад, мислам дека е многу лоша. Голманот не може да биде постар од селекторот. Во минатото селекторот беше во сериозни години, а овој уште е во пубертет“, изјави Богдановиќ.
Коментарот се однесуваше на фактот дека искусниот голман Мануел Нојер има 40 години, додека Нагелсман е на 38-годишна возраст.
По елиминацијата, германскиот весник „Билд“ јавно побара промена на селекторската позиција и предложи на клупата да седне Јирген Клоп. „Клоп мора да дојде сега“, објави германскиот медиум, а поддршка за идејата пристигна и од дел од фудбалските легенди. Клоп, кој моментално работи како шеф на глобалните фудбалски операции во „Ред Бул“, не сакаше да влегува во шпекулации.
„Гледам дека моето име се става во прв план, но сега не е вистинскиот момент да се зборува за тоа“, изјави Клоп, кој работи како стручен коментатор за време на Мундијалот.
И покрај големото разочарување, Нагелсман не најави повлекување. Тој порача дека неговата иднина зависи од Германската фудбалска федерација.
„Доколку Федерацијата сака да продолжам, јас сум подготвен. Ако сметаат дека е потребна промена, нека ми го кажат тоа отворено. Не сум човек кој бега од одговорност“, изјави селекторот.
Нагелсман има договор до 2028 година, но по елиминацијата од Парагвај германската јавност сè погласно бара промени.
Поранешни германски репрезентативци како Лотар Матеус, Јирген Клинсман и Матс Хумелс порачаа дека мора да има последици и детална анализа на сите нивоа.
„Нагелсман гледа секоја грешка освен својата. Изгледа како некој кој се обидува да поправи едно протекување по друго, а не гледа дека бродот оди кон санта мраз“, напиша „Дер Шпигел“.
Германија сега се наоѓа пред голема одлука и дали да му даде нова шанса на Нагелсман или да тргне во нова ера со искусен тренер како Јирген Клоп.


