ГАШИ СО МОЌНА ПОРАКА ЗА СРЕБРЕНИЦА Геноцидот почнува со омраза и молк

Пратеници и претставници на бошњачката заедница ќе оддадат почит на речиси 8.000 убиени бошњачки мажи и момчиња во 1995 година.

ГАШИ СО МОЌНА ПОРАКА ЗА СРЕБРЕНИЦА Геноцидот почнува со омраза и молк
Фото: Принтскрин

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи комеморативен настан по повод 11 Јули – Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Настанот ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, а модератор ќе биде претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, Аднан Азизи.

На собраниската трибина ќе се обратат претседателот на Собранието, Африм Гаши, пратеникот Амар Мециновиќ, професорот Ферид Мухиќ, претставникот на Бошњачкиот национален сојуз, Џевад Хот, како и Азизи. Гаши порача дека Сребреница останува еден од најтемните настани во поновата европска историја и траен потсетник за последиците од омразата и нетолеранцијата.

„Геноцидот не започнува со звукот на оружјето. Тој започнува многу порано – со говорот на омраза, со негирањето на достоинството на другиот, со молчењето пред неправдата и со рамнодушноста“, истакна Гаши.

Тој потсети дека на 11 јули 1995 година во Сребреница биле убиени речиси 8.000 бошњачки мажи и момчиња, нагласувајќи дека сеќавањето на жртвите не треба да биде само формален чин, туку постојана обврска за зачувување на вистината и спречување на повторување на слични злосторства. Џевад Хот од Бошњачкиот национален сојуз нагласи дека Сребреница треба да остане дел од колективната меморија и образованието, како предупредување за идните генерации.

„Сребреница е симбол на најголемото страдање во Европа по Втората светска војна. Таа покажува колку далеку може да стигне омразата кога ќе стане политика, а молкот ќе му даде простор на злосторството“, порача Хот.

Аднан Азизи истакна дека зад секоја бројка стојат човечки судбини и семејни трагедии, додавајќи дека злосторствата во Сребреница не биле напад само врз една заедница, туку врз основните вредности на човештвото. Обединетите нации во 2024 година го прогласија 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница, со цел зачувување на споменот на жртвите, борба против негирањето на геноцидот и подигнување на свеста за последиците од омразата и насилството.

CATEGORIES
Share This