ФУДБАЛСКИОТ ПАЗАР ЕКСПЛОДИРА – 13 милијарди долари за трансфери во 2025
ФИФА соопшти дека во 2025 година биле реализирани рекордни 24.558 трансфери во машкиот фудбал, со потрошувачка од 13,08 милијарди долари

Фудбалските клубови ширум светот реализирале рекордни 24.558 трансфери во машкиот фудбал во 2025 година, при што вкупната потрошувачка достигнала 13,08 милијарди долари, соопшти денеска ФИФА во својот годишен извештај за глобалните трансфери.
Ова претставува зголемување од седум проценти во однос на 2024 година и најголем број меѓународни трансфери во историјата на машкиот клупски фудбал.
Според ФИФА, во текот на 2025 година биле регистрирани вкупно 86.158 меѓународни трансфери на играчи на сите нивоа, вклучувајќи машки и женски професионален фудбал, како и аматерски категории.
Меѓу најскапите трансфери во изминатата година се истакна преселбата на германскиот репрезентативец Флоријан Вирц, кој од Баер Леверкузен премина во англискиот шампион Ливерпул за 100 милиони фунти, со можни бонуси до дополнителни 16 милиони фунти.
Во топ-пет најголеми меѓународни трансфери се најдоа и Хуго Екитике (од Ајнтрахт во Ливерпул), Џон Дуран (од Астон Вила во Ал-Наср), Бенџамин Шешко (од РБ Лајпциг во Манчестер Јунајтед) и Ник Волтемаде (од Штутгарт во Њукасл).
И женскиот фудбал продолжи со силен раст. Во 2025 година биле реализирани 2.440 меѓународни трансфери, што претставува зголемување од повеќе од шест проценти во однос на претходната година, додека вкупните трошоци достигнаа рекордни 28,6 милиони долари.

